Десетина богати поединци им стојат на располагање со своите пари и со искуството на домашните претприемачи кои имаат фирми со голем потенцијал за раст, но поради ризикот, не можат да добијат банкарски кредити за да ги реализираат. Тие се првите македонски бизнис-ангели, инвеститори кои својот капитал стекнат во секторот за информатичка технологија, градежништво, инвестициско банкарство и во медиумите сакаат да го вложат во квалитетни бизнис-идеи, а за возврат се стекнуваат со косопственички статус во фирмата. Нивните имиња засега се тајна, а како посредник меѓу нив и претприемачите со иновативни идеи се јавува Мрежата на деловни ангели на Македонија, која лани беше формирана од Центарот за иновации при проектот за конкурентност на американската агенција УСАИД. Tие се организација која им помага на бизнис-ангелите да ја донесат одлуката за да инвестираат, а на претприемачите како да се претстават пред нив.
Десетина богати поединци им стојат на располагање со своите пари и со искуството на домашните претприемачи кои имаат фирми со голем потенцијал за раст, но поради ризикот, не можат да добијат банкарски кредити за да ги реализираат.
Тие се првите македонски бизнис-ангели, инвеститори кои својот капитал стекнат во секторот за информатичка технологија, градежништво, инвестициско банкарство и во медиумите сакаат да го вложат во квалитетни бизнис-идеи, а за возврат се стекнуваат со косопственички статус во фирмата. Нивните имиња засега се тајна, а како посредник меѓу нив и претприемачите со иновативни идеи се јавува Мрежата на деловни ангели на Македонија, која лани беше формирана од Центарот за иновации при проектот за конкурентност на американската агенција УСАИД.
Жарко Поп-Илиев, претседател на Центарот за иновации, вели дека тие се организација која им помага на бизнис-ангелите да ја донесат одлуката за да инвестираат, а на претприемачите како да се претстават пред нив.
- Претприемачот мора да има издржана идеја, да има подготвен бизнис-план, да има добар тим и сето тоа добро да го презентира. Им помагаме и во текот на преговарањето. Многу е битно да го сфатат процесот, сите мислат „ќе дојдам и ќе ми дадат пари“. Има фази на проверка, дали се водат судски парници против фирмата. Ние даваме поддршка, се обидуваме да ги приближиме, кога седнуваат на иста маса и ние сме тука и играме улога на олеснувачи. Но, на крајот на краиштата, одлуките се нивни, ние немаме право да се мешаме - вели Поп- Илиев.
Влезот на бизнис-ангел во одредена фирма не значи само дека ќе добие финансиски капитал, туку се добива и целото неговото знаење, искуство, познанства. Се смета дека најголемата вредност на бизнис-ангелите не е во парите, туку во социјалниот капитал што го носат со себе.
- Тоа се луѓе што го знаат бизнисот, знаат како да воспостават одредени процеси во фирмата, во управувањето и во контролата. Тие го вложуваат целиот социјален и финансиски капитал за да остварат добивка. Светските искуства покажуваат дека тоа не се долгорочни партнери. По неколку години нивниот удел го откупува или самиот претприемач или некој инвестициски фонд - објаснува Поп-Илиев.
Домашните фирми може да очекуваат инвестиции од 20.000 до 200.000 евра од македонските бизнис-ангели. Досега на адреса на Мрежата на бизнис-ангели пристигнале десетина барања од фирми од областа на образование, информатичка технологија, услуги, маркетинг и лесно производство.
- Организираме таканаречени инвестициски вечери каде што претприемачите ги презентираат своите идеи пред потенцијалните инвеститори. Тие пополнуваат анкетно ливче за што се заинтересирани, а потоа организираме втора средба каде што во поблизок разговор бизнис-ангелот ќе ги разјасни сите прашања - вели Поп-Илиев.
Светската економска криза е главната причина поради која с` уште не е склучен ниту еден договор за вложување. Во Словенија, чија мрежа на бизнис-ангели ја помага нашата, лани немало склучено ниту еден договор, за разлика од претходните четири години кога биле финансирани дури осум проекти.
- Три проекти дојдоа до завршна фаза, речиси до преговори за потпишување договори. Но, за жал, ниту една не се оствари. И самите бизнис-ангели лани почнаа да ги чувствуваат во своите фирми последиците од економската криза во светот и малку беа неодлучни. Kога се има проблем и во својата фирма, не се размислува да се шири бизнисот - вели Поп-Илиев.
Бизнис-ангелите како извор за финансирање на малите и на средните фирми беа истакнати како еден од моделите на неодамнешната промоција на владината Програма за поддршка на малите и средните претпријатија. Со неа Министерството за економија годинава со 217 илјади евра ќе ги зајакнува конкурентноста, претприемништво и иновациите на малите и на средните фирми.